Во 2010 година Македонското етнолошко друштво реализираше неколку Проекти, финансирани од Министерството за култура, согласно Годишната програма на Министерството за финансирање на проекти од национален интерес во културата во 2010 год.
- Од печат излезе списанието на МЕД, "Етнолог" бр. 12-13, во кој беа публикувани 18 научни статии и неколку стручни прилози, прикази и поводи.
- Во Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија, Р. Бугарија, на 4-ти мај беа прикажани четири документарни етнолошки филмови од исто толку автори. Пред присутните посетители беа прикажани филмовите: "Таму некаде горе во планината" на Анита Ѓорѓиоска, "Пишање на невестата" на Владимир Јаневски, "Единството на етно-диверзитетот" на Рубин Земон и "Бабарот што враќа кусур" на Владимир Боцев. Исто така, во рамките на вечерта посветена на македонскиот етнолошки филм беа прикажани и кратките филмувани записи "Училишен час на отворено", снимен од браќата Манаки и "Битола 1900 - 2007" на Наде Геневска Брачиќ.
- На 20 и 21 септември во Штип, во организација на МЕД се одржа Симпозиум со меѓународен карактер, на тема: "Популаризација на етнолошкото културно наследство". Од пријавените 65 реферати, на Симпозиумот беа презентирани 55 реферати, од кои 40 беа од домашни автори, а 15 беа од гости од странство, воглавно од Бугарија, но и од Србија, Хрватска и Украина. Презентираните реферати на Симпозиумот, согласно одлуката на Претседателството на Друштвото, ќе бидат публикувани во наредниот број на "Етнолог". Во рамките на Симпозиумот на истакнати членови на МЕД им беа доделени и заслужени награди.
За 2011 година Македонското етнолошко друштво согласно Годишната програма на Министерството за финансирање на проекти од национален интерес во културата во 2011 год., треба да го реализира проектот: "Етнолошкото културно наследство на Македонците преселени од егејскиот дел на Македонија во Република Македонија".